ImproInfini

четврток, септември 21, 2006

ЛОША ШЕГА од Влада Урошевиќ

Одејќи покрај реката наоѓате одеднаш, во сувата трева, гнездо на некоја голема птица. Птицата ја нема, а во гнездото лежат крупните бели јајца.
Ги земате јајцата а на нивното место ставате мазни и тркалезни речни камења најдени покрај брегот. Однапред се смеете на глупавиот и зачуден израз на птицата која ќе очекува од нив да се испилат малите пилиња.
Веќе сте ја заборавиле таа мала шега кога еднаш, навечер, седејќи во собата, слушате некаде надвор, високо во небото, силен шум на птичји крила. Немате време да дојдете до прозорецот и да погледнете за што се работи, бидејќи одеднаш оџакот од куќата се руши.
Потоа нешто цврсто и големо удира во куќата. Едниот ѕид паѓа, потоа и другиот.
Засолнет под масата гледате како низ разурнатата куќа летаат тешките камени птици.

3 коментари:

Објави коментар

Претплати се на Коментари на објава [Atom]

<< Дома